Министерот за одбрана на Израел, Бени Ганц денеска ка неговата земја е подготвена да „преземе воени дејствија против Иран“. Израел, САД и Велика Британија го обвинија Иран за вмешаност во нападот на 29 јули во Оманскиот залив на танкерот кој е управуван од компанија во израелска сопственост. Но, ниту една земја не обезбеди докази за своите тврдења.
Иран негираше каква било вмешаност во нападот, за кој американските и другите официјални претставници рекоа дека бил извршен со беспилотно летало. Во нападот загинаа еден британски и еден романски член на екипажот.
„Ние сме во момент кога треба да преземеме воена акција против Иран. Светот треба да преземе акција против Иран сега“, рече Ганц.
Тензиите се зголемија во Персискиот Залив и Оманскиот Залив откако САД повторно воведоа санкции против Иран по повлекувањето од нуклеарниот договор од 2015 година. Израел се противи на сегашните меѓународни напори за заживување на тој договор.
Израелски воени авиони нападнаа цели во јужен Либан во текот на ноќта меѓу 4 и 5 август во првото воздушно бомбардирање на Израел врз либанска територија од 2006 година.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, повторувајќи ги коментарите од Британија, на 2 август рече дека ќе има колективен одговор на нападот на танкерот. Техеран соопшти дека брзо ќе одговори на секоја закана за неговата безбедност.