Раководителката на епидемиолошката служба при тетовскиот Центар за јавно здравје, доктор Сузана Субашиќ изјави денеска дека за само еден месец од регион со спорадични случаи Тетово е во фаза на широко распространета трансмисија на Ковид-19.
„На 6 јули имаше вкупно шест случаи на домашно лекување, а сега во градот Тетово имаме околу 220 случаи на домашно лекување. Имаме по 30, 40 и вчера дури 60 позитивни случаи што се должи на непочитување на мерките и протоколи, а инфицираните ни се од семејно прослави настани и нивни контакти“, објаснува епидемиологот д-р Сузана Субашиќ, раководител на епидемиолошката служба.
Според неа, ако населението не се вакцинира и ако не ги почитува мерките, препораките и протоколите состојбата може уште повеќе да се влошува.
„Генерално новите случаи не се вакцинирани. Ако имаме од овие 220 лица на домашно лекување само десетина вакцинирани. Дали асимптоматски или симптоматски се невакцинирани. Високата бројка во градот Тетово се должи како резултат на тоа што ние имаме многу лица дојдени од западните земји кои после престојот во државата се тестираат за да можат да заминат во земјите каде што работат. Голем дел од нив се млади лица и се асимптоматски но сепак инфицирани со Ковид-19“, објаснува д-р Субашиќ.
Таа апелира да се вакцинираат луѓето, но, и понатаму да ги почтиуваат мерките за спречување на ширење на коронавирусот бидејќи има лица кои и по втор пат се болни. Во Клиничка болница денес веќе има 32 лица на болничко лекување, што значи шест повеќе од вчерашните 26. Во вакционалниот пункт согласно пресекот од 27 јули во Тетово досега околу 21 илјади луѓе примиле две дози вакцини, а една доза имаат добиено над 5000 граѓани.