Владата на денешната 95-та седница донесе Одлука за постоење кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија во траење од 30 дена. Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.
„Одлуката за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати институции, заради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење“, се наведува во соопштението на Владата.
За Одлуката, како што наведуваат од Владата, ќе се извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието.
Заради операционализирање на Одлуката, Владата донесе заклучоци, односно на Претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата во справување со кризната состојба, главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување, а наделжните институции и единиците на локалната самоуправа да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба.
Владата воедно го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на земјата.
Во Законот за управување со кризи кризната состојба е дефинирана како состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси. Одлуката за нејзино прогласување не може да трае подолго од 30 дена.
Доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Собранието и претседателот на државата во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.