Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информира дека пет хеликоптери веќе го гаснат пожарот во пехчевско. Тие полетале, како што наведува Ангелов, откако претходно рано утрово беше направено извидување на теренот со еден армиски хеликоптер.
„Петте хеликоптери почнаа со гаснење. Поради безбедносни причини и протоколи нема да се вклучам во живо“, напиша Ангелов на Фејсбук.
Ангелов вчера најави дека денеска рано наутро петте хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар во реонот на општина Пехчево сè додека тоа го дозволува температурата на воздухот. Хеликоптерите од кои два македонски и три српски, вчера попладнето се упатиле кон локацијата зафатена со пожарот, но поради исклучително високите температури, веднаш по пристигнувањето командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување.
Пожарот во Горно Јачинце, кумановско сè уште е активен, информираа денеска надлежните од територијалната противпожарна единица Куманово. Останатите два жаришта кои се наоѓаат кај Довезенце и Јачинце – Мургаш се ставени под контрола.
„Трите активни жаришта ги гасевме до три часот утрово. Двата се целосно угаснати, но остана противпожарна патрола од месно население која дежура. Последното жариште е локализирано, ставено под контрола и имаме уште една екипа таму“, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.