Пожарникари од Бугарија помагаат кај Пехчево, хеликоптерите ќе гасат рано наутро

Илустрација: Шумски пожари во Македонија

Пожарот во пехчевско не е ставен под контрола. Гори селото Умлена, над Робово и во близина на село Митрашинци. Се работи за голем потег со дијаметар од 10 километри и претежно борова шума. Гасењето е отежнато поради непристапниот терен.

Според жителка на селото Умлена кое е во непосредна близина на Пехчево, ситуацијата е страшна.

„Пожарот дојде речиси до местото наречено Камен, уште малку да влезе во селото. Куќите не беа загрозени. Главно ја завршија работата, инаку ќе имаше голем беља“, рече жителката од селото, пренесува МИА.

Како што вели командирот на Одделението во Територијалната противпожарна единица – Берово, Димитар Букушовски, пожарот е се уште активен иако екипи трет ден учествуваат во негово гасење.

„Има многу екипи на терен. Месното население приоѓа, но пожарот засега не е под контрола. Да се надеваме дека со напор, вечерва, утре ќе успееме да го ставиме под контрола. Патиштата се непристапни, со ограничени можности сме со возилата за дејствување. Затоа прилично тешко се одвива гасењето“, нагласи Букушовски.

Тој рече дека на помош дошле и колеги од Бугарија со две цистерни, неколку возила и со 20-25 пожарникари.

На терен се и пожарникари од Виница.

За вакви пожари, со толкав интензитет, оцени тој, има повеќе причини – висока температура, скоро 40 степени, 50 дена без дожд, ветер.

Тој вели дека ваков пожар не може да се изгасне од земја, туку мора да се делува од воздух, но хеликоптерите немаат можност да гаснат пожари ноќно време. Претходно беше најавено дека два македонски и три српски хеликоптери ќе помогнат во гаснењето, но не можеле поради високите температури.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов соопшти дека утре рано наутро петте хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар во реонот на општина Пехчево сè додека тоа го дозволува температурата на воздухот.

Тој претходно објави дека пет хеликоптери, од кои два македонски и три српски, попладнето се упатиле кон локацијата зафатена со пожарот, но поради исклучително високите температури, веднаш по пристигнувањето командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување.

Ангелов соопшти дека во државата се активни 10 пожари од кои неколку се исклучително сериозни, а другите се од средна категорија. Во некои гори сува трева, нискостеблести растенија, грмушки и се далеку од населени места поради што не се опасност за никого.

Магистралниот пат Штип-Кочани вечерва, од 21 часот, е во прекин во двата правци поради пожар во кој гори стрниште и ниви и се шири кон магистралниот пат. АМСМ соопшти дека е нормализиран сообраќајот Делчево – Пехчево.

Пожарот во Дренак во Старо Нагоричане сè уште е активен, но во моментов е под контрола. Во општината, како и во Куманово во текот на денов имало уште неколку пожари.

Во прилепско има два активни пожари.

Управувачкиот комитет вечерва предложи воведување кризна состојба од 30 дена поради состојбата со пожарите. Владата утре во 8:30 ќе одржи седница на која ќе го разгледа предлогот.