ОБСЕ нема да испрати набљудувачи на претстојните избори во Русија за прв пат по речиси три децении поради „големите ограничувања“ воведени од руските власти.
ОБСЕ денеска соопшти дека властите го ограничиле бројот на набљудувачи што може да ги испратат, наводно поради пандемијата на коронавирус.
ОБСЕ е едно од најголемите светски тела за набљудување на изборите, и испраќа експерти низ 57 земји-членки да утврдат дали изборите се слободни и фер. Парламентарното собрание на ОБСЕ исто така испраќа краткорочни набљудувачки мисии.
На 19 септември во Русија се одржуваат избори за пратеници во Долниот дом на Парламентот, односно за Државната Дума, за 39 регионални парламенти, како и за избори на 9 регионални гувернери.
Во пресрет на изборите, Кремљ презеде жестоки мерки против опозициските политичари и независните медиуми. На неколкумина опозиционери им е забрането да се кандидираат, повеќето од нив поврзани со политичката мрежа на затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални.
Русија ги покани набљудувачите на ОБСЕ, но го ограничи бројот на 60 луѓе поради влошената епидемиолошка ситуација во земјата. ОБСЕ претходно најави дека се потребни 80 долгорочни и 420 краткорочни набљудувачи.
ОБСЕ реагира дека во Русија нема никакви ограничувања за влез што ќе го оправдаат намалувањето на бројот на набљудувачи.