Оган и вода
ЛИБАН / ФРАНЦИЈА - Франција денеска беше домаќин на новата меѓународна конференција за поддршка на либанскиот народ во услови на најновите политички превирања во Бејрут. Од Бејрут доаѓаат и поразителни информации дека секое трето семејство има дете со последици од големата експлозија во бејрутското пристаниште кога беа повредени над 6500 лица.
МАКЕДОНИЈА - Од 5 август попладне се очекува промена на времето со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално можна е појава на невреме со пообилен пороен дожд, силни електрични празнења, град и силен ветер со над 80 километри на час.
МАКЕДОНИЈА - Владата на денешната седница ја разреши Ана Петровска од функцијата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и на нејзино место го именува Сретен Стојковски, исто така за в.д. Одлуката била донесена без дебата.
УКРАИНА - Полицијата во Украина го уапси мажот кој влезе во зградата на украинската влада во Киев и со часови се закануваше дека ќе активира експлозив. Шефот на украинската национална полиција Ихор Клименко рече дека осомничениот е ветеран од војната против сепаратистите поддржани од Русија на истокот од Украина. Тој рече дека осомничениот бил повреден два пати во војната, а едната повреда била на главата.
ТУРЦИЈА - Најмалку осум лица загинаа во пожарите во Турција, што избија во 38 провинции од минатата среда.
АВГАНИСТАН - Цивилите ги напуштаат своите домови денеска во јужен Авганистан додека владините сили се подготвуваат за противнапад со кој повторно би ги вратиле назад деловите од градот Лашкар Гах кои претходно ги заземаа талибанците. Во меѓувреме растат меѓународните грижи за зголемен број цивилни жртви во неколку градски средини.
БУГАРИЈА - Бугарскиот службен министер за надворешни работи Светлан Стоев во интервју за софискиот весник 24 часа рече дека во последните два месеца инвестирале сериозно време и напори во разговорите со Северна Македонија, но нагласи дека резолуцијата на македонското собрание го стеснува полето на можности за компромис.
ЧЕШКА - Во судар на два воза во близина на чешкиот град Домажлице кој се наоѓа на југозападот на земјата загинаа две лица, а над 50 се повредени од кои пет се во критична состојба. Утрово брз воз кој патувал на релација Минхен-Плзен се судри со локален патнички воз при што двајца загинаа на лице место. На местото на несреќата се 12 спасувачки екипи со четири хелихоптери кои ги превезуваат повредените во болници.
ЈАПОНИЈА / БЕЛОРУСИЈА - Белоруската атлетичарка Кристина Тимановскаја денеска замина од Токио со лет за Виена откако одби да замине дома од Олимписките игри пред два дена поради стравување дека ќе се соочи со казна од авторитарната влада на Александар Лукашенко.