Хеликоптери ќе го гасат пожарот кај Пехчево, пожарот кај Девич се доближува до куќите

Пожар во близина на Пехчево

Во најскоро време треба да пристигнат два хеликоптери за гаснење на пожарот, истакна градоначалникот на Пехчево Драган Тренчовски по штотуку завршениот состанок на Кризниот штаб на кој беа утврдени насоки на делување за справување со пожарот.

„Лоша е ситуацијата со пожарот, бидејќи се префрли и дојде во делот над селата Робово и Умлена. Пожарот е високо на шумските предели над селата, но се шири на голема површина. На терен се екипи на ТППЕ од Берово и Пехчево, како и од Шумското стопанство, Центарот за управување со кризи и ДЗС, а имаме насоки дека ќе добиеме поддршка од воздух, односно треба да пристигнат два хеликоптера. Исто така, имаме насоки дека ќе добиеме помош од соседна Бугарија од каде е испратена екипа со 25 луѓе“, изјави Тренчовски.

Непристапниот терен и ветерот ја прават ситуацијата лоша, имаме луѓе на терен, а очекуваме да се вклучи и армијата, потенцира Тренчевски.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на Фејсбук објави дека „пет хеликоптери од кои два македонски и три српски се на пат кон Пехчевскиот регион и заедно, со сета сила, ќе удрат по големот пожар кој се заканува на околните села“.


Во меѓувреме, пожарот што пред два дена избувна кај село Девич, Бродско и беше локализиран, денеска се реактивира. Огнот се доближува до селото и во моментов огнот е на четириесетина метри од првите селски куќи.

Според градоначалникот на Општина Македонски Брод, Живко Сиљаноски, се прават напори за ангажирање повеќе работна сила и опрема за соодветно да се дејствува.

„Опожарена е површина поголема од пет хектари, а во пожарот гори ситно стеблеста и деградирана шума, смрека и други ситни растенија. Поради ветерот, огнот се повеќе се доближува до првите куќи и моментно е на 30 – 40 метри од селото, што претставува сериозна закана дел од селските куќи да бидат зафатени“, изјави Сиљаноски.

Тој побара помош од полицијата и механизација од Територијалната противпожарна единица од Битола.

Властите соопштија дека во големиот пожар што избувна на 2 август во селото Отошница, Општина Ранковце и пожарите случени истиот ден на подрачјето на Крива Паланка, опожарена е вкупна површина од околу 225 хектари, најголем процент борова шума.

Пожарите беа локализирани истиот ден, ставени под контрола вчера рано изутрина, но пожарот во Ранковце кој беше обемен, синоќа и утринава повторно се активирал.

Огнот зафатил куќи во Отошница и е направена голема материјална штета.