Цивилите ги напуштаат своите домови денеска во јужен Авганистан додека владините сили се подготвуваат за противнапад со кој повторно би ги вратиле назад деловите од градот Лашкар Гах кои претходно ги заземаа талибанците. Во меѓувреме растат меѓународните грижи за зголемен број цивилни жртви во неколку градски средини.
И додека се интензивирани борбите на југот и западот од земјата, главниот град Кабул беше погоден од повеќе напади кои беа насочени кон центри за безбедност, при што загинаа осум луѓе. Главните области на Лашкар Гах, кој е главен град на провинцијата Хелманд, се под контрола на талибанците кои наводно ги опколиле објектите на локалната влада. Војската побара Авганистанците да се евакуираат од градот, но е нејасно по кои патишта цивилите може безбедно да го напуштат Лашкар Гах.
Полицијата соопшти дека тројца цивили и еден припадник на безбедносните сили се повредени во Кабул при експлозија во близина на Авганистанскиот национален директорат за безбедност. Нападот се случи неколку часа откако во експлозија на автомобил бомба во близина на дипломатската област во Кабул загинаа неколку луѓе меѓу кои и напаѓачите. Во друг напад чија цел се смета дека бил вршителот на должност министер за одбрана на Авганистан загинаа осум луѓе, а повредени се дваесет.