Бугарскиот службен министер за надворешни работи Светлан Стоев во интервју за софискиот весник „24 часа“ рече дека во последните два месеца инвестирале „сериозно време и напори“ во разговорите со Северна Македонија, но нагласи дека резолуцијата на македонското собрание го „стеснува полето на можности за компромис“.
„Наспроти ова, за жал, се појавуваат нови предизвици во билатералната агенда на Бугарија и Република Северна Македонија. Резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија донесена на 29 јули 2021 година, дојде во време кога нашиот дијалог почнуваше да преминува во попозитивна и ветувачка фаза. Ваквите акции не само што имаат за цел да ја ослабат позитивната билатерална динамика во последните месеци, туку и да го стеснат полето на можности за компромис“, оценува Стоев.
Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, како што е целото име на документот, беше изгласана минатата недела со 95 гласа „за“, еден воздржан и ниту еден глас против. Неа ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, а ја гласаше и владиното мнозинство откако амандмански беше вметнато уставното име на државата.
Во неа меѓудругото се предвидува преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ. Резолуцијата наведува и дека во преговорите мора да се почитуваат автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.
Стоев, кој е министер од службената влада на Бугарија која треба да опстои до евентуалното формирање на политичка влада по изборите што се одржаа во таа земја во јули, имаше неколку средби со македонскиот колега Бујар Османи. Разговорите меѓу двете земји беа интензивирани пред јунскиот самит на Европската унија кога се правеше обид официјална Софија да ја тргне блокадата на македонскиот европски пат. Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев отпатува во бугарскиот главен град каде што достави конкретен предлог, но бугарската влада одлучи да не ја менува позицијата.
Сега Стоев вели дека се потребни решителна волја и одговорност за надминување на проблемите наследени од минатото, без да се поставуваат нови пречки за отворен и искрен дијалог.
„Секој чекор назад не само што ги омаловажува напорите направени и го доведува во прашање она што е постигнато досега, туку и го попречува воспоставувањето атмосфера на доверба и отворена комуникација“, рече шефот на бугарската дипломатија.
Тој нагласува дека Бугарија внимателно ќе ја анализира усвоената Резолуција со цел да утврадат дали нејзината содржина е во согласност со Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, како и нејзиниот потенцијално влијание на сегашниот дијалог.
„Едно нешто дефинитивно треба да биде јасно – за Бугарија е неприфатливо со вакви постапки да се мотивира или оправдува неисполнувањето на билатералниот договор“, смета Стоев