Малкумина мислат дека администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин не е загрижена поради изборите за Државната дума, долниот дом на рускиот парламент, од 17 до 19 септември.
Со оглед на тоа што поддршката на владејачката партија Единствена Русија се движи под 30 проценти на национално ниво и околу 15 проценти во Москва, како и со намалувањето на личната популарност на Путин, обезбедувањето двотретинско мнозинство во новиот законодавен дом може да биде тешко остварливо.
Русија ја отфрли тужбата на Навални и бара забрана за неговиот Јутуб канал
„Тие се соочуваат со тешка задача. И покрај сите можни фалсификати - едноставно не можете да фалсификувате сѐ“. вели Марија Снеговаја од Џорџтаун универзитетот.
Но, набљудувачите сметаат дека тековната акција низ Русија изгледа многу пообемна отколку што е потребно за контрола на изборите. Цел се историчари и другите академици. Цел се и уметници и театри. Цел се и адвокати и истражувачки новинари чија работа нема никаква директна врска со претстојното гласање.
„Не би рекла дека овој репресивен циклус ќе заврши по изборите. Причината за тоа не е само во изборите, иако Кремљ се плаши дека нема да ги добие потребните резултати. Тоа е во природата на самиот режим - тој се трансформира во многу порепресивна диктатура“, додава Снеговаја.
Изборите, сепак, се чини дека се во центарот на вниманието на владата. Со месеци, службеници низ целата земја работеа за да ги отфрлат практично сите најперспективни независни и опозициски потенцијални кандидати, а особено беа насочени кон оние што освоија места на локалните во избори во последните три години.
Видете и ова: Путин најави милијарди рубљи нови трошоци пред изборитеПокрај тоа, властите ги изменија изборните закони во земјата најмалку 19 пати од последните избори, наведува невладината организација „Голос“ која ги следи изборите.
„Ова бројка е зачудувачка. Никогаш порано не сме виделе нешто слично, дури и ако се земе предвид дека и претходните избори тешко дека може да се наречат слободни и чесни. Но, тоа не беше доволно за Кремљ. Тие воведоа тридневно гласање, што ги зголемува можностите за фалсификување. Тие донесоа електронско гласање, што е целосно нетранспарентно. И сега тие ги отстрануваат сите кандидати кои имаат барем малку популарност“, вели Снеговаја за РСЕ.
Како и да е, многу од напорите на владата се чини дека немаат никаква врска со претстојното гласање. На пример, безбедносните агенции фокусираа големо внимание врз организации и поединци кои работеа на разоткривање на историските злосторства и денешните ексцеси на самите тие агенции.
Историчарот Јуриј Дмитриев, специјализиран за документирање на масовни гробници од времето на Сталин во неговиот регион, е во фокусот на властите со години.
Организацијата за одбрана на правото од Санкт Петербург, „Команда 29“ беше затворена во минатиот месец по, како што велат нејзините адвокати, „планиран напад на многу фронтови“ од безбедносните агенции, делумно и поради работата на групата во обидот да ги отвори архивите на Федералната служба за безбедност (ФСБ) и да ги спречи обвинителите да ги злоупотребуваат законите за шпионажа и за политички цели.
Владата минатата недела ги затвори веб-страниците на истражувачкиот новинарски проект „Досие“ и „Гулагу.нет“, кои известуваат за наводите за тортура и злоупотреба во затворите и установите за притвор.
„Станува збор за извештај за незаконска активност на ФСБ“, изјави Максим Дбар, портпарол на поранешниот нафтен магнат, а сега прогонет противник на Путин, Михаил Ходорковски, додавајќи: „Илегалните активности на безбедносните служби се во центарот на нашето внимание. Зборувам за ФСБ, ГРУ [воена разузнавачка служба] и СВР [странска разузнавачка служба] Имаме многу материјал за овие теми“.
Видете и ова: Руското судство ги означи организациите на Навални како екстремистичкиОсновачот на „Гулагу.нет“ Владимир Осечкин, кој ја напушти Русија под притисок на властите во 2015 година и продолжува да го води проектот од странство вели:
„Колку подолго бев во релативна безбедност и работев со помало мешање на руските власти, толку повеќе информации ми беа испраќани. Не само од роднини на затвореници и поранешни и сегашни затвореници, туку почнавме да добиваме информации од активни вработени во Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда и обвинителствата. Многу луѓе кои работат во системот, но не се согласуваат со неговите репресивни политики. Особено во последната година добивме од огромна поплава на информации, дури добивме и пристап до видео архиви на неколку регионални канцеларии“.
Снеговаја вели дека владата на Путин повеќе не смета дека е неопходно да глуми демократија за да му се додвори на Западот. „Меѓународната заедница не е во позиција соодветно да одговори на руската влада поради нејзиното однесување. Дури и по монструозното труење на опозицискиот политичар Алексеј Навални, немаше соодветен одговор. Немаше ниту значителни строги санкции. Режимот се прероди во потешка форма, а маските се фрлени настрана“, вели таа.
Руската полиција упадна во дом на истражувачки новинар
Во исто време, како што додава, многумина во владата - веројатно дури и самиот Путин - искрено веруваат дека се води необјавена „хибридна“ војна меѓу Русија и Западот и дека петтата колона „странски агенти“ се закана за нивната безбедност преку театри, училишта, медиуми и така натаму.
Со Русија владеат „специфичен тип на луѓе кои ја зачувале советската идеја дека Западот е закана за нив и дека се обидува со сите можни средства да им наштети“, тврди Снеговаја.
Една од клучните фигури во потесниот круг на Путин, која одговара на овој опис, е шефот на Советот за безбедност Николај Патрушев, поранешен офицер на КГБ, во кој „Путин има голема доверба“, вели политичкиот аналитичар Валериј Соловеј, од Москва, прецизирајќи:
„Патрушев ја формулира стратегијата и му ја презентира таа стратегија на претседателот, кој ја потврди. И суштината на таа стратегија е крајно едноставна - јасно е дека главната работа е да не дозволиме никакви закани за режимот“.
Кремљ, наведува Снеговаја, сигурно гледа подалеку од септемвриските избори за Думата, можеби и по актуелниот мандат на Путин во 2024 година. „Кога се измени уставот во 2020 година, беше одлучено Путин да остане доживотно на власт. Настаните во Белорусија им беа поука. Одлучено е веќе да не се воздржуваат, како што правеа во минатото“, заклучува Снеговаја.