Белоруската атлетичарка Кристина Тимановскаја денеска замина од Токио со лет за Виена откако одби да замине дома од Олимписките игри пред два дена поради стравување дека ќе се соочи со казна од авторитарната влада на Александар Лукашенко.
Тимановскаја се очекува потоа да замине за Варшава откако полската влада и гарантираше хуманитарна виза. Таа замина во полската амбасада на втори август откако одби да му дозволи на белорускиот тим да ја присили да се качи на летот за Минск. Тимановскаја претходно за агенцијата Асошиејтед прес рече дека од белорускиот олимписки тим јасно и кажале дека по враќањето дома сигурно ќе се соочи со некаков вид на казна за јавното критикување на менаџментот на тимот. Шефот на делегацијата Дмитри Даухалионак одбил да даде коментар за агенцијата.
Претходно, белорускиот национален олимписки комитет за државната агенција соопшти дека ја набљудува ситуацијата и соработува со Меѓународниот олимписки комитет кој поведе истрага за обвинувањата од Тимановскаја кон нив.
Проблемите на атлетичарката почнаа кога, како што кажа, тренерите и рекле дека ќе учествува во трки во кои никогаш не се натпреварувала. Потоа таа објави видео на социјалните мрежи во кое го критикува белорускиот Сојуз за атлетика, кое подоцна го избриша.