ВМРО-ДПМНЕ најави кривични пријави за пожарот во Кочани

Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски денеска изјави дека правната служба на опозициската партија ќе поднесе кривични пријави до власта поради непостапување навремено спречување на пожарот во Кочани. Тој повика на одговорност и оставки.

„Бараме одговорност за тоа што наместо да се сервисираат оние авиони, ЕР трактори односно канабери кои што со сервисот чинат само 400.000 евра, власта и Заев и сите останати не најдоа време, не најдоа пари, иако ја задолжија Македонија и ги потрошија за само една година една ипол милијарда евра. Не најдоа ниту време, ниту пари да ги сервисираат за да не ни се случи ова кое што ни се случи вчера за што сведочи оваа глетка каде што се уште има чад од оние дрва кои што изгореа. Како што гледате стигна дури и до куќите и за жал има неколку куќи изгорено. И за жал неколку лица од огнот завршија во болница со изгореници како што можевме да видиме низ медиумите. Бараме одговорност за тоа што немаше хеликоптери вчера да го гасат пожарот. Не летале нашите хеликоптери ноќе, срамота, а 21 век, држава Република Македонија, власт. Немало хеликоптери за граѓаните да им се помогне, а имаше хеликоптери кога требаше да се возат Венко Филипче и Зоран Заев на нивни приватни забави и настани. Така да бараме одговорност од власта за се она што требаше да го направи вчера, а не го направи и за жал тоа ги чинеше граѓаните, некои со материјална штета, а некои за малку и со човечки животи“, рече Арсовски.

Според него, луѓето од правната служба од партијата ги разгледуваат сите опции за поднесување кривични пријави до власта во однос на нивната нефункционалност, неспособност, некоординираност и нивното непостапување во рамките на вчерашниот ден за она што се случи тука. Арсовски апелираше за оставки на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и сите останати вклучително и премиерот Зоран Заев за, како што рече, нивното непостапување односно за нивната нефункционалност како институција.