Наставнички пленум бара зголемување на плати, МОН ја обвинува опозицијата

Илустрација

Наставници од иницијативата Наставничкиот пленум најавија бојкот на наставата, ако не добијат зголемување на платите на наставниците во основно и средно образование. Наставниците велат дека се незадоволни од висината на основната плата и бараат покачување на платите во новата учебна 2021/2022 година. Тие упатиле писма до министерката за образование и наука, Мила Царовска и до синдикатите СОНК и НСОН.

„На ова барање се повикуваме како резултат на растот на цените на производите кои се користат во секојдневниот живот, како и на растот на просечната плата која е многу повисока од платите на вработените во образование. Во спротивно, ние наставниците од Наставнички пленум би биле приморани да се организираме и да го покажеме јавно незадоволството“, наведува Пленумот во барањето до Царовска.

Од МОН соопштија дека пратениците повеќе од три месеци не ги гласаат законските измени со кои на наставниците и стручните соработници им се обезбедува континуиран раст на платите и подобар статус. Во законот, според соопштението, кој го блокираат пратениците од опозицијата стои клаузула со која правно се заштитува понатамошно девалвирање на платата на наставникот, односно за првпат платата на наставниот кадар се усогласува со минимална плата. Како ќе расте минималната плата, како што наведуваат од МОН, така ќе растат и платите на наставниците.