Литванија ќе „употребува сила“ против илегалните мигранти

Полицијата и илегалните мигранти на границата меѓу Литванија и Белорусија на 2 август, 2021 година.

Властите на Литванија соопштија дека на нивните граничари им било наредено да ги вратат мигрантите кои се обидуваат илегално да влезат во земјата од соседна Белорусија. Министерството за внатрешни работи порача дека „употребата на сила зависи од околностите“.

Локалните и европските службеници обвинуваат дека напливот на илегални премини од Белорусија, претежно ирачки државјани се должи на обидите на белорускиот претседател Александар Лукашенко да остане на власт и да се спротивстави на меѓународниот притисок по спорните избори во земјата пред една година.

„Прво, полицајците на границата со Литванија им велат (на мигрантите) дека се изгубени, дека пристигнале во прекрасната земја Белорусија и отишле на погрешен пат додека уживале во природата, но сега мора да вратат назад“, им рече на новинарите литванскиот заменик министер за внатрешни работи Арнолдас Абрамавичиус.

Тој додаде дека безбедносните сили можат да користат сила доколу тоа е потребно.

„Не може да се исклучи дека полицајците ќе се соочат со агресија од мигрантите“, рече тој.

Објавата на Вилнус е откако вчера рекордни 287 мигранти преминаа од Белорусија додека еврокомесарот за внатрешни работи, Јива Јохансон беше во посета на Литванија за да помогне во справувањето со кризата.

„Ова е провокација на режимот на Лукашенко. Мораме да покажеме дека нема слободен пристап до територијата на ЕУ“ рече Јохансон во Литванија, каде Европската унија вети помош од милиони евра за да му помогне на Вилнус да го реши проблемот.

Од почетокот на годината, повеќе од 3.800 мигранти влегле во Литванија, наспроти повеќе од 80 минатата година. Повеќе од две третини од мигрантите се ирачки државјани. Ирачките авиокомпании ги зголемија летовите од Багдад до Минск.