Се очекува од Србија да пристигнат четири хеликоптери на скопскиот аеродром, кои ќе бидат употребени за гаснење на пожарите во попладневните часови. Исто така, потврден одговор за помош при гаснење на пожарите има и од Словенија и Грција, рече денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека неколку силни пожари се веќе ставени под контрола, неколку се локализирани. Но, бројот на пилотите е ограничен.
Ангелов рече дека вчера на располагање бил само еден хеликоптер, а во текот на ноќта вториот бил сервисиран на лице место. Вработените се изложуваат на надчовечки напори да го оспособат и вториот хеликоптер за да може безбедно да лета, додаде Ангелов.
За гаснење на пожарите се активирани сите расположливи сили, а на терен има и 200 припадници на Армијата. Ситуацијата со пожарите е најлоша во Старо Нагоричане, а во Кочани нема опасност по градот, но пожарот се уште не е изгаснат, рече Ангелов.