Нема потреба од прогласување кризна состојба во државата поради пожарите, рече денеска на прес-конференција директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Денеска на седница директорите на неколку институции од полето на безбедноста разговарале за состојбата и било одлучено дека нема потреба од прогласување кризна состојба, но дека институциите постојано ќе ја следат состојбата.
„И доколку работата тргне на полошо набрзина ќе одржиме седница на која ќе побараме да биде прогласена кризна состојба на дел од територијата на државата, онаму каде што е зафатена со пожар“, рече Ангелов.
Ангелов рече дека сега се користат сите расположливи ресурси на Армијата, а се отворени и сите канали за добивање меѓународна помош и дека тоа функционираат и без прогласена кризна состојба.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара одговорност од власта поради пожарите кои избувнаа на повеќе локации во земјава.
„Од власта веќе никој не бара одговори, од нив бараме само одговорност. Мизерна неспособност!, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.