Соединетите држави се уверени дека Иран извршил напад со беспилотно летало врз танкер управуван од Израел, кој транзитирал низ меѓународните води во близина на Оман, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен. „Сакам повторно да го осудам нападот во петокот врз комерцијалниот брод. Ние направивме темелен преглед и уверени сме дека Иран го изврши овој напад“, рече Блинкен на редовниот брифинг со новинарите. Техеран на 2 август предупреди дека брзо ќе одговори на секоја закана за неговата безбедност, откако Британија го повика иранскиот амбасадор поради, како што велат Лондон и сојузниците, нападот врз комерцијален брод кај брегот на Оман, нарачан од Техеран при што загинаа две лица.
Иран ги отфрла наводите на Израел дека тие стојат зад нападот на танкерот
„Иран не се двоуми во заштитата на својата безбедност и национални интереси и ќе одговори навремено и силно на секоја можна авантура“, јави иранската државна телевизија, цитирајќи го портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде. Ваквите поморски инциденти се зголемија откако САД се повлекоа во 2018 година од нуклеарниот договор меѓу светските сили и Иран.