Европската унија ѝ вети помош од неколку милиони евра на Литванија за решавање на мигрантската криза за која ја обвинува соседна Белорусија и нејзиниот авторитарен претседател Александар Лукашенко. Еврокомесарот за внатрешни работи, Илва Јохансон, пристигна во Литванија, членка на ЕУ, во неделата, на денот кога 287 лица влегле во Литванија од Белорусија. „Тоа е провокација на режимот на Лукашенко. Мора да покажеме дека нема слободен пристап до територијата на ЕУ„, рече Јохансон, додавајќи дека Литванија, ЕУ и земјите од Шенген зоната мора да спречат „нелегален пристап до таа област“. „Затоа ЕУ ја поддржува Литванија во одбраната на нашата заедничка надворешна граница со Белорусија“, додаде Јохансон.
Литванија ја обвинува Белорусија дека ги злоупотребува мигрантите
Од почетокот на годината, повеќе од 3.800 мигранти влегле во Литванија, наспроти повеќе од 80 минатата година. Повеќе од две третини од мигрантите се ирачки државјани. Ирачките авиокомпании ги зголемија летовите од Багдад до Минск. Литванските власти ја обвинија Белорусија за организирање премин на мигранти преку границата. Властите проценуваат дека ова е акт на одмазда на Лукашенко, бидејќи многу претставници на белоруската опозиција побегнаа во Литванија по спорните претседателски избори. Јохансон додаде дека за Литванија ќе бидат издвоени помеѓу 20 и 30 милиони евра. Владата на Литванија сака да изгради физичка ограда со Белорусија, за која се проценува дека ќе чини повеќе од 100 милиони евра.