Оштетени куќи и возила од пожарите во Кочани, најавена помош од Србија и Бугарија

Пожар во Кочани. Неколку граѓани побарале помош поради отежнато дишење од чадот. Оштетени се куќи и возила. 02.08.2021.

Пожарите во Кочани оштетија куќи и возила, а десетина граѓани побарале помош поради отежнато дишење од чадот. Тешко повредени нема, но оштетено е и едно противпожарно возило. Пожарот што попладнево избувна на две локации во Кочани и се доближи до станбените домови над градот во Белско Маало, беше само еден од десетиците кои избуваа низ територијата на цела Македонија.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва на Фејсбук соопшти дека во телефонски разговор со бугарскиот претседател Румен Радев било договорена помош од Бугарија во гаснењето на пожарите низ земјава.

„Договорено е во најкус можен рок Бугарија да испрати противпожарни единици кои ќе помогнат на нашите екипи во гасење на пожарите“, соопшти Пендаровски.

Помош за гаснењето на пожарите е најавена и од Србија, како што соопшти премиерот Зоран Заев.

„Јас разговарав со претседателот Вучиќ, тие ги потврдија своите хеликоптери, два, три, четири или колку и да се потребни да дејствуваат утре“, изјави Заев од Кочани.

Според противпожарните екипи на терен во Кочани, пожарот во моментов се шири во правец на селото Тркање, а луѓето кои интервенираат таму се сконцентрирани да го спречат огнот да се доближи кон склад на „Макпетрол“ и кон друга приватна бензиска пумпа. Сепак, според последните информации од Центарот за управување со кризи, складот на „Макпетрол“ во Кочани веќе не е во опасност од пожарот.

Градоначалникот на Општина Кочани Николајчо Илијев вечерва изјави дека во моментов состојбата во градот е под контрола и дека помош пристигнала од повеќе страни, но дека е зафатена голема линија каде гори сува трева и нискостеблеста шума на непристапен терен.

„Со директорот на ЦУК ги координираме сите сили. Имаме дополнителни возила дојдени од Квадарци, Свети Николе и Велес“, вели Илијев.

Илијев вечерва наведе дека во денешниот пожар оштетени се две куќи во Кочани, откако оганот влегол во градот и се ширел во ралични правци од силниот ветер, но бил спречен да влезе во централното градско подрачје. Тој додаде дека во текот на ноќта ќе има дежурни екипи за да се ликвидираат пожарите во планинскиот дел.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека на теторијата на цела држава има неколку огнени жаришта, но дека пожарот во Кочани е сосема до куќите. Од ЦУК велат дека Територијалните противпожарни единици на Кочани се наоѓаат на терен како и екипа од Виница.

„Барања од граѓани за дополнителни сили се бидејќи постоечките не можат да задоволат. Во Кочани има уште еден активен пожар, предизвикан од паднат далекувод кај мв Костин Дол и истиот за кратко време се има проширено кон шумски предел и е вон контрола. За истиот е побарана интервенција од воздух“, наведуваат од ЦУК од каде додаваат дека пожари има низ целата држава.

Претседателот Стево Пендаровски претходно вечерва на Фејсбук соопшти дека хеликоптерите на македонската Армија немаат техничка можност да летаат во ноќни услови, додавајќи дека тоа е причината поради која во гаснењето на пожарите ќе се вклучат во раните утрински часови.

Пендаровски претходно денеска соопшти дека во 16:30 часот дал наредба Армијата да се вклучи во гаснењето на пожарот во Кочани.

„Одобрена е и употреба на воздухопловите, кои денеска веќе интервенираа во Старо Нагоричане, а утре наутро одат на помош во Кочани. Во текот на денот беа ангажирани над 170 припадници на армијата, а во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и средства за справување со состојбите и помош на населението насекаде каде што има потреба“, наведе Пендаровски.

Во однос на другите пожари низ Македонија, Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка денеска соопшти дека интервенирала на пет пожари, од нив три на отворено, два на објекти.

Од единицата наведуваат дека пожарникарите сѐ уште се на терен за интервенција по последната дојава примена околу деветнаесет часот, за запалена куќа во населба Маневци. Жители близу месноста Пасјак во пехчевско-делчевскиот регион информираат дека ситуацијата со пожарот кој утрово избувна кај планината Средна е алармантна.

„Пожарот започна од утринава негде околу пладне. Гори Чуката, дел од Средна и поголем дел од пожарот се движи во правец кон селото Нов Истевник. Ситуацијата е навистина алармантна, бидејќи голема е опасноста да изгори цел Нов Истевник“, според жител на соседното село. Граѓани од кумановско исто така аламираат дека имало многу силен пожар во Мургаш каде била нанесена штета на неколку куќи, а изгоела и стока.

Претходно вечерва надлежните служби во државата информираа дека шумски пожари беснеат на над десетина локации низ Македонија: пожари има во Ранковце каде се изгорени и куќи, борова шума гореше во Делчево и во Пехчево, а гори кај локалитетот Кокино, во Старо Нагоричане кумановско.

Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ја напуштија централната манифестација на Мечкин Камен во Крушево и се упатија кон Кочани, каде пристигна и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој апелираше власта итно да реагира.

Пожари денеска има и во села во Македонски Брод, во општина Липково околу Белановце и во скопско.

Инаку, надлежните од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека во државата денеска имало вкупно 13 пожари и дека „скоро сите се предизвикани од човеков фактор“, како што наведе директорот на институцијата Стојнче Ангелов.