Соединетите Американски Држави објавија дека ја прошируваат акцијата за евакуација на авганистански државјани кои се во опасност во нивната татковина поради зголеменото насилство на Талибанците, додека повлекувањето на американската војска од Авганистан влегува во последните седмици.
Стејт департментот денеска објави дека сегашните и поранешните авганистански вработени во американските агенции за помош и развој, како и други хуманитарни групи финансирани од САД и новински организации со седиште во САД, сега ги исполнуваат условите за американски статус на бегалеци.
Одлуката беше донесена во време кога талибанските милитанти ја продолжуваат офанзивата за заземање територија во Авганистан, каде што САД и другите странски сили во мај започнаа официјално да се повлекуваат. Крајот на американското повлекување е планирано за 31 август.
САД веќе започнаа со евакуација на илјадници кандидати за имигрантска виза, кои се под ризик од можна одмазда на Талибанците, бидејќи работеле за американската влада.
Во петокот на 30 јули, првата група од 200 луѓе пристигна во Соединетите држави, од кои 2.500 ги поминаа сите чекори за да добијат визи, а одобрувањето се очекува во наредните недели.
Американската администрација претходно соопшти дека ги разгледува капацитетите низ САД и други земји во кои би можеле да бидат сместени апликантите и нивните семејства.
Специјални визи се достапни за граѓаните кои биле ангажирани како преведувачи или на други работни места за американската влада по интервенцијата предводена од САД во Авганистан од 2001 година.