Два големи пожари во Грција, температури до 43 степени

Грција - Поглед на изгорен автомобил во пожар во близина на Патрас, Грција, 1 август 2021 година.

Грчките пожарникари денеска се борат со два огромни пожари во Родос и северозападниот дел на Пелопонез, со температури кои надминуваат 40 степени целзиусови.

Повеќе од 3.000 хектари борова шуми и маслинови градини изгореа во Ахаја, во близина на градот Патрас на северниот брег на Пелопонез, проценува Националната опсерваторија во Атина, која се потпира на слики од европскиот сателит „Сентинел-2“ кој е дел од Програмата за набудување на Земјата, Коперник.

Пожарот избувна во саботата и се уште не е целосно изгаснат и ставен под контрола, па можно е опожарената површина да е уште поголема.

Метеоролошката служба најавува температури на Пелопонез од 44 и 45 степени целзиусови.

На Родос се уште постои оптимизам бидејќи, според проценките, пожарот што избувна во неделата денеска стивнува, а се очекуваат дополнителни засилувања во борбата против пожарот.

Четири канадери денеска тргнаа да го изгаснат пожарот во областа Панданас, соопшти цивилната заштита.

„Утрото, ситуацијата на Родос е подобра од вчера. Пожарот слабее од неколку страни и е речиси под контрола", изјави гувернерот на јужното Егејско Море Јоргос Шацимаркос, истакнувајќи дека е важно никој да не загине во пожарот.

Високи температури преовладуваат низ цела Грција. Од 40 до 42 Целзиусови степени на островите и од 41 до 43 степени на континенталниот дел.