Од ВМРО-ДПМНЕ попладнево информираа дека утре на 2 август Илинден, партискиот претседател Христијан Мицкоски ќе биде присутен во струшкото село Ташмаруништа и дека таму ќе одржи говор.
Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од потпретседателот на партијата Александар Николоски ќе присуствува во Крушево, а делегација предводена од партискиот потпретседател Владо Мисајловски ќе учествува во одбележувањето во Скопје. На Пелинце во Меморијалниот центар „АСНОМ“ делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски.
Претходно денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали делегација на ВМРО-ДПМНЕ ќе оди утре во Крушево рече дека „дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Стево Пендаровски нема да биде делегацијата“.
По ова реагираше кабинетот на претседателот Стево Пендаровски кој наведе дека е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на господинот Мицкоски.
"Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани“, наведоа од Кабинетот на претседателот.
ВМРО-ДПМНЕ се противи на новиот концепт кој го најави претседателот за одбележување на Илинден според кој тој нема да има говор, туку снимено видео обраќање, делегации ќе положат цвеќе, а ќе има културно-уметничка програма.