Пендаровски непријатно изненаден од изјавата на Мицкоски, од ВМРО-ДПМНЕ го нарекоа нотар на Заев

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на господинот Мицкоски, според која, утрешното чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал“, реагираат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

„Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани, со целосно потценување на фактот дека државна делегација на чело со претседателот Пендаровски ќе положи венец и свежи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев, на паметникот на хероите на Слива и на самиот Мечкин Камен, а ќе биде присутен и на Панихидата во чест на хероите и нивното дело во црквата „Св. Никола““, наведуваат од претседателскиот кабинет.

Реакцијата следува откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека „дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Стево Пендаровски нема да биде делегација на ВМРО-ДПМНЕ“.

ВМРО-ДПМНЕ се противи на новиот концепт кој го најави претседателот за одбележување на Илинден според кој тој да има говор, туку снимено видео обраќање, делегации ќе положат цвеќе, а ќе има културно-уметничка програма. Идејата, како што кажа на неодамнешниот брифинг со новинарите, е сите политичари да дојдат во Крушево, да нема поделби и тоа да биде симболичен чин на обединување.

„Претседателот Пендаровски жали што неговиот искрен обид за надминување на длабоките политички разлики барем на Илинден не беше разбран од дел од политичките лидери за кои партијата е сѐ уште пред државата“, наведуваат од кабинетот на претседателот.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на реакцијата на претседателот наведувајќи дека Пендаровски е тој кој што покажува крајно непочитување на традицијата за одбележување на најголемиот македонски празник Илинден и непочитување на жртвата на илјадници македонски херои кои го положија животот за слобода и независна Македонија.

„Длабоките политички разлики и поделби во Македонија се производ на политиките и однесувањето на власта на која што припаѓа самиот Пендаровски. Доколку сакаше Пендаровски ваквите состојби да ги смени имаше можност преку конкретни дела тоа да го направи, но тој реши да остане во скутот на Зоран Заев и да биде обичен нотар на неговите штетни политики, нем свидетел на корупцијата на власта и одобрувач на газењето на македонските национални и државни интереси“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.