Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање дали партиска делегација ќе оди утре во Крушево на церемонијата за одбележување на Денот на Републиката Илинден рече дека „дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Стево Пендаровски нема да биде делегација на ВМРО-ДПМНЕ“.
Инаку партијата досега постојано испраќаше делегации на одбележувањето на Илинден во Крушево, a лидерот Мицкоски традиционално за одбележување на празникот оди во струшкото село Ташмаруништа, каде што, како што најави ќе биде и утре.
Партијата се противи на новиот концепт за прослава на Илинден кој го најави и го спроведува претседателот Пендаровски. Портпаролката на опозициската партија Марија Митева вчера рече дека Пендаровски ја менува 30-годишната традиција на прославата за Илинден.
„Но, кога некој човек нема визија за Република Македонија, не може ни да очекувате дека ќе има што да каже. И за тоа е ова резултатот. Навистина сме изненадени и ова е срамен и недржавнички потег“, рече Митева.
Инаку за првпат годинава за прославата за Илинден, на Мечкин камен во Крушево претседателот нема да има свое обраќање туку ќе има кратко видео обраќање од две минути.
Според агендата која ја објавија од кабинетот на претседателот на централната свеченост на Мечкин Камен ќе настапат Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, Ансамблот на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, опреската певица Весна Ѓиновска-Илкова, музичарот Влатко Стефановски, воениот оркестар на Армијата а зборот и пораките на илинденците ќе ги пренесе актерот Никола Ристановски.
Пендаровски ги покани во Крушево и лидерите на сите политички партии, но досега присуството го потврдил само лидерот на ДУИ, Али Ахмети.