Одбележувањето на 2 август, Денот на Републиката ќе започне со настани во Скопје, во организација на Собранието со почеток во 09:00 часот, информираа денеска од владината прес служба. Од таму прецизираат дека собраниската делегација ќе ја предводи претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев, а потоа ќе одржи говор по кој ќе следи културно-уметничка програма.
Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце во 09:45 часот. Делегацијата таму ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски и министерите за внатрешни работи и за одбрана Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска.
Државните почести по повод Денот на Републиката во Крушево, пак, се во организација на претседателот Стево Пендаровски и тие започнуваат со панихида во храм Св.Никола, во 10:20 часот. Пендаровски деновиве најави нов концепт за прослава на Илинден без говори, туку со снимено видео обраќање. Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август - Денот на Републиката ќе започне во 18:00 часот на Мечкин Камен, а владината делегација попладнето во Крушево ќе ја предводи премиерот Заев.
Програмата за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа и традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар.
На 2 август Македонија ги одбележува двата Илиндена- илинденското востание во 1903 година и создавањето на Крушевската република и првото заседание на АСНОМ во 1944 година, што се сметаат за столбовите на републиката и на државноста. Годинешното одбележување на најголемиот државен празник, наведуваат од Владата, се совпаѓа со значајните годишнини: 30 години од независноста и 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.