Од граѓанска иницијатива Зелен хуман град денеска наведуваат дека се крајно револтирани од изјавата на премиерот Зоран Заев за прагот за независните листи на локално ниво од еден отсто, кој велат дека се обидувал да го покаже како намалување.
„Веруваме дека премиерот Заев е свесен дека со неговите калкулации ќе бидат потребни повеќе потписи за независна советничка листа за Град Скопје отколку за пратеничка листа? За кандидирање на парламентарни избори, независна листа треба да собере 1.000 потписи од цела изборна единица, а за Град Скопје со зголемувањето на прагот на 1% треба да се соберат 5.000 потписи, колку што на локалните избори во 2017 гoодина „тежел“ еден советнички мандат“, наведуваат од граѓанската иницијатива.
Од таму наведуваат дека до претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда и Собранието поднесуваат пет барања: изборниот законик да се отвори за јавна дебата во која ќе учествува и нивни член, актуелниот праг за собирање потписи за независни листи на локално ниво да се намали десеткратно и да се воведе собирање потписи надвор од општинските канцеларии на Државната изборна комисија, секакви правила поврзани со моделот на отворените листи кои може да ги збунат гласачите на претстојните избори да не се воведуваат сега, секакви измени за рекламирање да не бидат во корист на
големите партии и последното, пратениците, министерствата и претседателот строго да се придржуваат до препораката од ОБСЕ/ОДИХР за неменување на Изборниот законик најмалку 6 месеци пред одржувањето на изборите.
Нивната реакција следува откако премиерот Заев вчера рече дека ќе биде намален прагот од два отсто, веројатно на еден отсто или можеби и укинат. Минатата недела во собраниска процедура влегоа предлог измените на Изборниот законик во кои првично се предвидуваше за независните кандидати да може да учествуваат на локалните избори што треба да се одржат во октомври да соберат потписи од два отсто од гласачите запишани во општинскиот избирачки список.
Според така предложените измени на пример ако на последните локални избори во 2017 година во избирачкиот список во град Скопје имаше запишано 461 312 гласачи би значело дека за некој независен кандидат да се натпреварува ќе треба да собере 9,226 потписи, а според постојните правила за ваков потег досега беа потребни 1000 потписи. Заев вчера најави дека прагот ќе биде тргнат од предложените измени.