Русија ќе и испрати помош на Турција за пожарите

Пожар во турските одморалишта во Анталија

Русија ќе ѝ испрати на Турција пет авиони и три хеликоптери за да помогнат во гаснењето на пожарите што беснеат во земјата, јави Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска оствари телефонски разговор со својот руски колега Владимир Путин, соопшти Кабинетот за комуникации при турското Претседателство.

За време на разговорите, Путин порачал дека Русија ќе ѝ пружи поддршка на Турција во борбата со пожарите и најавил дека на Турција ќе ѝ бидат ставени на располагање пет авиони „Илјушин-76“ со капацитет од 40 тони вода и уште три хеликоптери за гаснење на пожарите. Путин упатил зборови на солидарност и поддршка за Турција во овие тешки моменти, за што Ердоган му се заблагодари, се наведува во соопштението.

Инаку, турските пожарникари трет ден се борат со шумските пожари. Десет пожари се уште се активни, вклучително и три во реонот на летувалиштето Анталија. Од 98 пожари што избувнаа во средата во различни региони, 88 се ставени под контрола. Гаснењето на огнот на брегот на Средоземно Море е отежнато од силните ветрови. Голем број региони и хотели се евакуирани, а туристите се однесени на безбедно место. Во пожарите досега загинаа четири лица.