Борби меѓу талибанците и авганистанските безбедносни сили се одвиваат од вчера на периферијата на западниот авганистански град Херат, главен во истоимената провинција. Талибанците тврдат дека нивните борци влегле во дел од градот, но авганистанските власти во Кабул ги отфрлија таквите наводи и соопштија дека напредокот на талибанците бил одбиен.
Ваквите извештаи доаѓаат додека талибанците успеваат да заземат територии низ Авганистан додека САД и другите странски сили се блиску до завршувањето со нивното повлекување од земјата.
Фавад Аман, портпарол на авганистанското министерство за одбрана за радио Азади рече дека авганистанските безбедносни сили ги победиле талибанците и ги одбиле нивните напади во провинциите Херат, Кандахар, Хелманд и Тахар.
Во меѓувреме, мисијата за поддршка на Обединетите нации во Авганистан соопшти дека во вчерашниот напад врз нивниот комплекс во Херат е убиен еден член на обезбедувањето. Американскиот Стејт департмент го осуди нападот кој го опиша, како „напад на комплекс на ОН од антивладини милитанти“.