Премиерот Зоран Заев го прими носителот на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио во теквондо Дејан Георгиевски, кој беше во придружба на тренерите Дарко Костовски и Борче Костовски.
Заев, како што соопшти владината прес-служба, му честитал и му се заблагодарил на Дејан Георгиевски за радоста што им ја донесе на граѓаните на земјата од Токио и истакнал дека тој е пример и модел за младите дека ништо не е недостижно, дури и олимписките врвови кога талентот оди заедно со посветеноста за најдобри резултати и со упорноста да се постигнат.
Инаку, владата на 93-та седница ја дополни одлуката за паричната награда за постигнатиот врвен олимписки успех и таа сега е поголема за 800.000 денари и изнесува 2 милиони денари од страна на Владата и 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.
Георгиевски го освои сребрениот медал во категоријата над 80 килограми. Тој во финалето беше поразен со 15:9 од претставникот на Рускиот олимписки комитет, Владислав Ларин. Македонскиот спортист го освои сребрениот медал по победата во полуфиналето над Ин Кјо Дон од Јужна Кореја со 12:6. Во четвртфиналето Георгиевски беше подобар од репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане со 9:4.
Македонија како самостојна држава досега имаше само еден бронзен медал од Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година. Бронзата ја освои борачот Могамед Ибрагимов, кој е натурализиран Азербејџанец.