Демонстрант од Хонгконг осуден на девет години затвор, прва пресуда според Законот за национална безбедност

Протести во Хонг Конг

Продемократски демонстрант денеска беше осуден на девет години затвор, во првата пресуда според Законот за национална безбедност во Хонгконг, со кој Пекинг ја засилува контролата врз таа територија. Тонг Инг-кит е осуден за тероризам и поттикнува сецесија затоа што со мотоцикл налетал на полициските сили на демонстрациите на 1 јули 2020 година, носејќи знаме со паролата „Да го ослободиме Хонгконг. Револуција на нашето време“, која претходно беше оценета како сецесионистичка.

Владејачката Комунистичка партија на Кина минатата година наметна закон за национална безбедност во поранешната британска колонија, по антивладините протести кои избија на средината на 2019 година.

Пресудата е удар врз слободата на говор и покажува дека законот е алатка за втерување страв на владините критичари, наведува во соопштение регионалната директорка на Амнести интернејшнал за азиско-пацифичкиот регион Јамини Мисра.
Американската влада преку соопштение го критикуваше „неправедниот исход“ на судењето, велејќи дека законот за безбедност се користи како „политичко оружје за замолчување на гласовите на несогласување“.

Во соопштението се наведува дека Кина ги подрива правата кои ги гарантира уставот на Хонгконг и Кинеско-британската заедничка декларација потпишана во 1984 година и го повикува Пекинг да престане да ги прогонува поединците кои ги остваруваат своите права и слободи.

Кинеските претставници ги отфрлаат критиките и велат дека Пекинг повторно воспоставува ред и воведува безбедносни мерки за заштита како другите земји. Врз основа на законот за национална безбедност се уапсени повеќе од 100 луѓе.

Адвокатите на одбраната тврдат дека казната на Тонг би требало да биде помала, зашто судот не утврдил дека нападот бил намерен, никој не бил повреден и оти прекршокот поврзан со сецесија е квалификуван како помал.

Судиите во вторникот пресудија дека целта на постапката на обвинетиот било застрашување на владата и на јавноста.
Тонг изрази жалење, но тоа не беше земено предвид за намалување на казната, со оглед на тоа што тој не призна вина, се наведува во пресудата.