Бугарското Министерство за надворешни работи изрази разочараност што во Собранието во Македонија е донесена Резолуција за македонските „црвени линии“ во преговорите со Софија. Бугарското МНР во изјава за БГНЕС наведува дека жалат што Резолуцијата е донесена во време кога, како што наведуваат, билатералниот дијалог започнал да преминува во попозитивна фаза.
Бугарските власти очекуваат Резолуцијата да биде објавена за да може да ја анализираат и да видат дали одговара со Договорот за пријателство што двете земји го потпишаа. За нив единствен правилен начин за да се дојде до решение на предизвиците во односите е стриктното придржување до постигнатите договори и преземените обврски.
Вчера македонското Собрание ја усвои Резолуцијата, која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, со 95 гласа „за“, со само еден воздржан и ниту еден глас против.
Претходно беше усвоен амандманот поднесен од мнозинството со кој во резолуцијата се вметнува официјалното име на државата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.
Со Резолуцијата се зацврстуваат ставовите на Скопје во преговорите со Софија околу посебноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.
Шефот на државата Стево Пендаровски во претстојниот период не очекува некои поголеми промени во однос на спорот со Бугарија, со оглед на тоа што земјава реално во моментов нема соговорник од другата страна, бидејќи Софија се уште нема формирано Влада.
Пендаровски за Резолуцијата вели дека не е штетна, ниту навредлива, каква што е Резолуцијата на бугарскиот Парламент.