Претседателот Стево Пендаровски брифираше дека нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред сè поради двата проценти праг наменети за независни кандидати на претстојните локални избори, кои треба да се одржат на 17 октомври. Потпис Пендаровски ставил на Законот за државјанство, кој вчера беше усвоен со 57 гласови „за“, 32 „против“ и ниту еден „воздржан“.
Предложените измени на Изборниот законик би го добиле потписот на шефот на државата само доколку во однос на прагот за независните кандидати се постигне поширок консензус меѓу партиите.
На брифинг со новинарите денеска кај шефот на државата беше посочено и дека е непримерно за толку кусо време пред изборите да се менува Изборниот законик, што не е согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, тоа да не се прави шест месеци пред избори.
Измените на Изборниот закон на предлог на група пратеници веќе влегоа во собраниска процедура. Со нив се предлага да има отворените листи и праг од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но реакциите особено беа во однос на два отсто изборен праг за оние кои на изборите сакаат да учествуваат со независни листи.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска во однос на измените на Изборниот законик не сакаше да прецизира дали ќе бидат донесени пред годишниот одмор на пратениците којшто започнува на 1 август. Напомена дека матичната Комисија за политички систем треба да ги заврши амандманите. Голем дел од поднесените амандмани кои се околу над 700, се формално уредни, додаде Џафери.