За првпат годинава за прославата за Илинден, на Мечкин камен во Крушево, претседателот на државата нема да има свое обраќање. Наместо говор, Пендаровски ќе има кратко видео обраќање од две минути.
Како што брифираат од неговиот кабинет, чествувањето ќе биде после 18 часот за да можат да дојдат и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој според системот на ротација годинава треба да биде на одбележувањето на празникот во Скопје и премиерот Зоран Заев кој ќе биде во Пелинце.
Исто така, Пендаровски ги поканил во Крушево и сите лидери на политички партии, но досега присуството го потврдил само лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Според најавите од кабинетот на Пендаровски, програмата ќе почне со читање на илинденски пораки и Крушевскиот манифест. Пораките ќе ги чита актерот Никола Ристановски, потоа ќе настапи Влатко Стефановски. По нив следуваат настапите на Танец, на Албанскиот ансамбл и на Воениот оркестар.
Идејата е сите политичари да дојдат во Крушево, да нема поделби и тоа да биде симболичен чин на обединување.
На денешниот брифинг тој меѓудругото најави дека нема да го потпише Изборниот законик со кој се бараат потписи од два отсто од избирачите во општината за независни кандидати да можат да учествуваат на локалните избори.
Пендаровски вели дека ако деновиве во Собранието се донесат измените, тој нема да ги потпише, бидејќи со нив се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена.