Бугарската социјалистичка партија ќе одлучи дали ќе ја поддржи владата на „Има таков народ“ кога ќе го види целиот нивни состав. Потоа ќе се свика Националниот совет на БСП, кој ќе донесе конечна одлука. Ова го соопшти лидерот на бугарските социјалисти Корнелија Нинова, јави дописникот на МИА од Софија.
Таа одби да коментира дали адвокатот Петар Илиев, чие име е поврзано со потенцијален премиер, е близок до БСП.
Сепак, Нинова рече дека Петар Илиев бил консултант на пратеничката група на БСП за неколку уставни жалби, кои биле испратени до Уставниот суд, без да навлегува во детали дали ќе го поддржат за бугарски премиер.
Корнелија Нинова потврди дека преговорите за секторските политики со „Има таков народ“ завршиле и рече дека постои висок степен на совпаѓање во приоритетите меѓу двете страни. Лидерката на бугарските социјалисти коментира дека тие би сакале да имаат договор што ќе гарантира дека сè што ќе договорат ќе биде исполнето.
„Демократска Бугарија“ побара од БСП да ги одложат преговорите за новата недела поради зафатеност, а групата „Застани БГ! Доаѓаме! сe уште не одговорила на поканата што им ја испратиле социјалистите.