Откако ќе се формира новата Влада во Софија, после 15 август ќе се интензивираат разговорите со цел да се направи евентуален пробив уште во септември, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање за преговорите со Бугарија.
„Можеме интензивно да се ангажираме за евентуален пробив уште во септември. Доколку има политичка волја да се разреши ова прашање што негативно влијае и на позициите на Бугарија воопшто, мислам дека може да се најде начин, а германското и португалското претседателство покажаа дека има решение. Тие предлози ги презеде словенечкото претседателство и се надеваме дека штом се формира влада после 15 август ќе можеме интензивно да се ангажираме за евентуален пробив уште во септември“, рече Османи на денешната прес конференција.
- Собранието ја изгласа Резолуцијата за црвените линии со Бугарија
- (Не)соодветна стратегија во спорот со Бугарија
оред него, важно е да се создаде политичка предвидливост во Бугарија, бидејќи тоа се покажало како клучно во понатамошниот прогрес на разрешување на овие разлики што ги имаме. Тој истакна дека комуникацијата продолжува по однос на одредени прашања во делот на одржување на втората меѓувладина комисија во однос на дефинирањето на патоказот, меѓутоа сепак ќе зависи од тоа дали ќе има политичка влада во Бугарија.
„Откако ќе се формира владата тогаш ќе ги слушнеме кои се позициите на новата политичка влада по однос на ова прашање. Меѓутоа едно е јасно, и во интерес е на Република Бугарија ова прашање да се реши. Ниту Бугарија верувам не сака да биде во позиција да го блокира целиот регион и европската перспектива на регионот со сите последици коишто може да ги има блокирањето на тој процес во регионот“, дециден е Османи.
И премиерот Зоран Заев вчера рече дека разговорите со Бугарија за изнаоѓање решение за отворените прашања и надминување на ветото за ЕУ ќе продолжат веднаш откако ќе се формира влада во Софија по предвремените избори во земјата одржани претходно овој месец.
Собранието вчера ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Резолуцијата во Собранието беше изгласана со 95 гласови „за“, а еден беше воздржан. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата, Република Северна Македонија.