Бројот на жртвите од шумските пожари во јужна Турција се искачи на четири, соопштија турските власти. Новиот број жртви е објавен откако 25-годишен волонтер почина доцна синоќа во Мармарис, околу 320 километри западно од Анталија.
Турската агенција Анадолија објави дека загинатиот маж им носел вода за пиење на пожарникарите, но дека имал сообраќајна несреќа и го загубил животот во пожарот.
Противпожарните екипи продолжуваат да се борат со пожарите, кои изгореа куќи и го принудија населението да се евакуира од населените места и одморалиштата на плажите. Украинската служба за вонредни ситуации испрати два противпожарни авиони Ан-32П во Турција за да помогнат во гаснењето на пожарот, објави украинската амбасада во Белград.
Турскиот министер за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли рече дека пожарникарите сè уште се борат со шумски пожари на 20 локации во шест провинции.
Тој прецизира дека пожарите се уште се активни во областа на Средоземното Море и подрачјето во близина на Егејското Море, како и дека пожарот е изгаснат на 50 локации. Министерот наведува дека е рано да се каже дека пожарите се под контрола, но истакна дека пожарникарите напредуваат во борбата против пожарот, пренесе АП.
Најлошите пожари се во областите Манавгат и Аксеки, кои се наоѓаат во провинцијата Анталија.