Израелскиот претседател прими трета доза вакцина против корона

Израелскиот претседател Исак Херцог прима трета доза вакцина на Фајзер/Бионтек

Израелскиот претседател Исак Херцог и неговата сопруга Михал беа меѓу првите кои денеска ја примија третата доза на вакцината против коронавирус, откако ден претходно беше објавено дека земјата ќе биде една од првите во светот што ќе дава трета доза вакцина за луѓе над 60 години.

Одлуката за давање на третата доза беше донесена во екот на напорите да се запре последниот бран на инфекција со делта сојот на коронавирусот и скокот на бројот на заразени на над 2.000 на ден оваа недела.

Израелските медиуми наведуваат дека третата доза може да не го спречи растот на бројот на заразени лица, но ќе ги спречи постарите жители да се разболат сериозно.

Претседателот на Израел оцени дека зголемените дози се „важен чекор за социјална солидарност во Израел“, истакнувајќи ја потребата да се спречи болеста на старите лица.

„Горд сум што сме првата земја што вакцинираме со третата доза“, рече Херцог, пренесуваат израелските медиуми.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет рече дека единствениот начин за борба против ковид 19 е заедништвото.

Повеќе од 57 проценти од 9,3 милионското население примиле две дози вакцина Фајзер/ Бионтек, а 80 проценти од населението постаро од 40 години е вакцинирано.

Благодарение на вакцинацијата, Израел ја отвори својата економија пред другите земји, но сега бележи голем скок кај заразените со делта сојот на вирусот, дури и меѓу вакцинираните, пренесува Асошиетед прес.