Израел ќе започне да дава трета доза од вакцината Фајзер против ковид-19 на луѓе на возраст над 60 години. Израел е прва земја во светот што ќе го направи тоа во напорите да се забави ширењето на многу заразната варијанта делта. Премиерот Нафтали Бенет, започнувајќи ја кампањата, рече дека претседателот Исак Херцог ќе биде првиот што ќе ја прими третата доза. Израел беше светски лидер во спроведувањето на вакцинацијата, при што многу постари лица ги добија своите дози во декември, јануари и февруари, бидејќи се сметаа за најранливиот сектор на населението.
Во Израел првпат од март повеќе од 2000 новозаразени во еден ден
Но, од појавата на варијантата делта, Министерството за здравство двапати објави пад на ефикасноста на вакцината против инфекција и мало намалување на нејзината заштита од тешка болест. „Наодите покажуваат дека постои пад на имунитетот на телото со текот на времето. Целта на дополнителната доза е повторно да се изгради, а со тоа и значително да се намалат шансите за инфекција и сериозни болести“, рече Бенет на прес -конференција. Фајзер претходно соопшти дека верува оти на луѓето им е потребна дополнителна доза за да ја одржат високата заштита од коронавирусот.