Косовската Влада соопшти дека не ја поддржува иницијативата за „Отворен Балкан“, иницирана од премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на денешниот Регионален економски форум во Скопје. Во писмена изјава до медиумите на групацијата „Коха“ се наведува дека иницијативата е „без визија за регионот“.
Од кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти велат дека не биле поканети на денешниот Регионален форум поради противењето на иницијативата која потекна од средбата на Заев, Рама и Вучиќ во октомври 2019 година во српскиот град Нови Сад.
„Нашите ставови за идејата од Нови Сад, таканаречениот „Мини-Шенген“, веќе се познати. Новосадската иницијатива нема одобрување од наша страна и следствено ние немавме официјална покана за учество на средбата. За нас таканаречениот „Мини-Шенген“ е иницијатива без визија за регионот. Ние предложивме унапредување на регионалната соработка од ЦЕФТА во СЕФТА, според моделот на ЕФТА-ЕЕА, од што истовремено би имале придобивки сите земји на Западен Балкан“, се вели во одговорот.
Иницијативата за регионална соработка Мини Шенген, во која се опфатени Србија, Македонија и Албанија, од денеска има ново име и ќе се нарекува Отворен Балкан.