Премиерот Зоран Заев на денешниот Економски форум во Скопје порача дека крајна цел на „Мини Шенгенот“ е да нема граници меѓу Македонија, Србија и Албанија. Тој напомена дека иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан.
„Нашата крајна цел е да постигнеме да нема воопшто застанување на границите меѓу Србија, Северна Македонија, Албанија, а се надеваме понатаму и пошироко. Второ, да ги подготвиме сите владини политики за слободно движење на услуги преку заемно признавање на професионалните квалификации, воведување систем без дозволи за интеркомпаниски трансфери. Трето, да го прошириме слободното движење на граѓаните преку овозможување мобилност на студенти, научници. Дополнително да го олесниме слободното движење на капиталот“, рече Заев.
Тој нагласи дека неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувањата кон Западен Балкан е против интересите на ЕУ.
„Ние не можеме да чекаме сите внтрешни проблеми на ЕУ да се решат за нашата економија да оди напред. Ние сме тука кога ЕУ ќе биде подготвена. Ние сме тука со подготвени економски иницијативи за кои ќе зборуваме денеска. Се надевам дека ЕУ ќе најде можност и да финансира дел од нив“, порача Заев.
Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека е договорено укинување на граничните контроли меѓу трите земји од 1 јануари 2023 година.
„Ние синоќа дадовме една задача. Ќе се обидеме и ќе дадеме се од себе. Тоа не е лесно. Еден услов беше довербата. Друг услов е дали нашите три земји и нашите три влади ќе бидат во состојба брзо да испорачаат резултати. Ќе можеме ли да ги надминеме сите слабости на нашите администрации. Ако го направиме тоа, на 1 јануари 2023 ние немаме граници меѓу нашите земји. Има, но нема граници за нашите граѓани. Одите од Белград до Тирана и никој не ве запира и обратно“, рече Вучиќ.
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека регионот не може да продолжи да е заложник на минатото. Она што ќе го правиме во ЕУ утре, почнуваме да го правиме денес и тука во регионот, изјави тој.
„Зошто би требало ние да чекаме затворени во нашите граници свртени грб со грб еден спроти друг како што тоа се случувало во минатите 500 години, бидејќи на крајот на денот оној момент кога ние ќе се интегрираме во ЕУ ќе го правиме токму ова што го правиме овде без ЕУ“, вели Рама.