Од први јануари 2023 нема да има граници меѓу Македонија, Србија и Албанија и движењето на граѓаните и превозниците ќе биде слободно - се договориле премиерите на Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на денешниот Економски форум за регионална соработка во Скопје.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека трите земји во наредниот период ќе работат на остварување на оваа идеја со што ќе се олесни протокот на луѓе, но и на стоки и услуги.
„Нема да има застанување од Белград до Тирана и обратно. Граници ќе има, но нема да има застанување за нашите граѓани. Тоа ќе биде историски момент. Знаете ли што значи ова, колкави ќе бидат придобивките кога превозниците на стока нема да мора да чекаат на граничните терминали. Ние секако дека сме на европскиот пат, но не сме глупави ниту наивни дека некој ќе работи во полза на нашите земји доколку тоа ние сами не го правиме “, рече Вучиќ во обраќањето на Економскиот форум.
Македонскиот премиер Зоран Заев на отворањето рече дека oд денеска започнува нова ера на соработката во регионот и, како што додаде, тоа е негова силна политичка волја и силна волја на претседателот Вучиќ и на премиерот Рама и мојата за ефикасна регионална соработка.
„За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан“, рече Заев.