Во Македонија сè уште има проблеми со условите во затворите, констатира Комитетот на Советот за Европа за превенција на тортурата.
Во најновиот извештај се констатира дека има мали подобрувања, реновирано е едно крило во Затворот Скопје во Шуто Оризари, затворени се три проблематични крила во Идризово. Комитетот бил во посета на земјата лани во декември при што е констатирано дека има нехигиенски услови за притвор во таканаречената единица „амбуланта“, во крилата со затворен режим на затворот „Идризово“ и нереновираните крила на затворот „Скопје“.
Во извештајот се критикува старомодниот пристап кон притворениците во Шутка, кои се затворени по 23 часа на ден, без да прават ништо, а им се одбиваат и контактите со нивните деца.
Нема ни активности за затворениците во Идризово и тие добиваат неквалитетна здравствена заштита поради неподготвеноста на Министерството за здравство да преземе повеќе „стратешки пристап“ при неговото работење, стои во извештајот.
Едно од клучните прашање на кое посочува Комитетот е тоа што има недостаток на транспарентност во управувањето со затворите, а се нотира и загриженоста дека за раководни лица во затворите пресудна е политичка припадност, а не способноста за извршување на таква комплексна задача.
КПТ ги повикува властите да воспостават јасна хиерархија помеѓу управата на затворот и директорите на затворите и да воспостават повеќегодишна програма за почетни активности и обука на вработените во затворот и да ги засилат напорите за борба против феноменот на корупција на персоналот и фаворизирање преку специфични мерки.