Радев: Бугарските политички сили да најдат формула за формирање влада

Румен Радев, претседател на Бугарија

Претседателството на Бугарија издаде писмен став во врска со прашањата поставени од локалните медиуми во врска со доделување мандат за формирање нова бугарска влада.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, прес-службата на бугарскиот претседател издаде соопштение во кое се вели дека Бугарија е пред спроведување неодложни реформи и одлуки, за кои е потребен кабинет со политичка одговорност и парламентарна поддршка.

Затоа, како што е наведено во ставот на претседателството, парламентарните политички сили во Бугарија мора што е можно поскоро да ја најдат формулата за формирање редовна влада што е во интерес на бугарското општество, а претседателот Радев, согласно своите уставни должности, е подготвен да додели мандат за формирање кабинет.

„Постигнувањето одржлив консензус за промена е одговорност на самите политички сили“, се заклучува во соопштението.

Претходно денеска, привремениот бугарски премиер Стефан Јанев ги повика политичките партии да преземат политичка акција и да потпишат документ за управување.