Амбасадата на ОБСЕ и делегацијата на Европската унија денеска го одбележаа почетокот на заедничкиот проект за мониторинг на судски процеси во областа на организираниот криминал и корупција, чија цел е подобрување на спроведување на правдата и намалување на корупцијата и организираниот криминал, што е неопходно за исполнување на критериумите за пристапување во ЕУ. Набљудувањето на судските процеси ќе започне во јули 2021 година и ќе трае до декември 2023 година.
Амбасадорот на ОБСЕ во земјава Клеменс Која, на одбележувањето на стартот на проектот истакна оти предвидува дека Мисијата на ОБСЕ во рамки на овој проект ќе набљудува приближно 50 високи и средно високи случаи на организиран криминал и корупција.
„Методологијата е изработена согласно добрите практики на ОБСЕ за следење на судењето. Специфично е дизајнирана да одговори на целите на проектот, овозможува и компаративна регионална рамка, вклучително развој на специфични алатки неопходни за следење на судењето“, истакна Која.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето излагање кажа дека ефикасен, фер и судски систем што дава доверба е суштински дел на владеење на правото во секоја земја.
„Без владеење на правото, корупцијата и организираниот криминал излегуваат надвор од контрола. Државата може да биде заробена од приватни интереси. Расте незадоволството на јавноста, доведувајќи до несигурност и нестабилност. Не треба да кажам повеќе, тоа сте го виделе порано. И ние тоа сме го виделе, повеќето земји, кои сега се членки на Унијата биле сведоци на слаб правосуден систем. Поради тоа владеењето на правото е еден од фундаментите врз кои е основата Европската Унија“, рече Гир.
Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, рече дека очекува оти мониторингот на судските процеси ќе ја зголеми одговорноста во работењето на обвинителите и судиите и истовремено ќе ја зајакне борбата против корупција, но и како што додаде, ќе ја зголеми довербата кај граѓаните во институциите и во својата држава.