Руската полиција упадна во дом на истражувачки новинар

Роман Доброхотов, уредник на рускиот истражувачки сајт Инсајдер

Руската полиција изврши претрес во домот на Роман Доброхотов, уредник на истражувачкиот интернет сајт Инсајдер, само неколку дена откако медиумот беше ставен во контроверзниот регистар на странски агенти.

Доброхотов на социјалната мрежа Твитер напиша дека полицијата дошла во неговиот дом утрово. ОВД-Инфо, група за правна помош која ги набљудува политичките апсења, соопшти дека сопругата на Доброхотов се јавила кај нив и го пријавила полицискиот упад.

Потоа нејзиниот телефон се изгаснал, соопшти ОВД-Инфо, наведувајќи дека нивната адвокатка Оксана Опаренко се упатила кон станот на Доброхотов во Москва. Интернет страницата База наведува дека полицијата вршела претрес и во домот на родителите на новинарот. Во видеото објавено од База на нивниот канал на Телеграм се гледа како неколку луѓе во цивилна облека разговараат со родителите на Доброхотов и велат дека претресите се дел од истрага за криминален случај.

Досега нема официјално објаснување за овие претреси, а според База, криминалниот случај кој го споменуваат мажите во домот на родителите на новинарот e отворен по барање на холандскиот новинар Макс ван дер Верф, кој го обвини Инсајдер за клевета.