Владата на Република Северна Македонија донесе одлука на македонскиот претставник на Олимписките игри во Токио кој се освои сребрен медал во дисциплината таеквондо Дејан Георгиевски да му биде доделена парична награда во висина од 20 000 евра , а на неговиот тренер Дарко Костовски да му бидат доделени десет илјади евра, сооптшија од владината прес служба.
Освојувачот на сребрениот медал во таеквондо на Летните олимписки игри кои се одржуваат во Токио ќе биде награден и со дополнителни десет илјади евра од Агенцијата за млади и спорт, се наведува во истото соопштение.
Георгиевски вчера го освои сребрениот медал во категоријата над 80 килограми. Тој во финалето беше поразен со 15:9 од претставникот на Рускиот олимписки комитет, Владислав Ларин. Македонскиот спортист го освои сребрениот медал по победата во полуфиналето над Ин Кјо Дон од Јужна Кореја со 12:6. Во четвртфиналето Георгиевски беше подобар од репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане со 9:4.
Македонија како самостојна држава досега имаше само еден бронзен медал од Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година. Бронзата ја освои борачот Могамед Ибрагимов, кој е натурализиран Азербејџанец.