Пратениците од партиите на Федерацијата Босна и Херцеговина ја осудија одлуката на претставниците на Република Српска да не учествуваат во работата на Парламентот поради наметнатиот закон за забрана за негирање геноцид. Седницата на Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ денеска беше откажана.
Пратеникот на Партијата за демократска акција (СДА), Адил Османовиќ изјави дека и покрај тоа имало кворум за работа.
„Заклучокот на Колегиумот на Претставничкиот дом е политички, со цел да не се комплицира дополнително ситуацијата во БиХ, како и да се отвори простор за разговори и договор, а следната седница ќе биде во септември. Ќе се одржи, без оглед дали ќе дојдат пратеници од РС или не“, посочи Османовиќ.
Пратеникот на Социјалдемократската партија на БиХ (СДП), Саша Магазиновиќ изјави дека политичарите „не можат да глумат дека се е во ред, бидејќи Парламентот е блокиран“.
Претставниците на политичките партии од ентитетот Република Српска (РС) одлучија да не учествуваат во работата на државните институции во БиХ, односно во парламентот на БиХ, Советот на министри и Претседателството на БиХ. Ова дојде по одлуката на високиот претставник Валентин Инцко за наметнување измени и дополнувања на Кривичниот законик на Босна и Херцеговина со кои се казнува негирање геноцид и се слават воени злосторници.