Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека датумот на локалните избори останува 17 октомври согласно Изборниот законик. Според него, поклопувањето на пописот со изборната кампања нема да промени ништо, а можно е пописот и порано да заврши.
„Датумот според предлогот од работните групи во коишто учествуваат сите политички партии е 17-ти. Односно нема промени на датумот којшто е утврден во самиот Изборен законик и досега. Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но на крајот се одлучи дека трите дена не менуваат ништо. Пописот е обична активност која што финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем пописот секојпат се вршел 20 дена, овој пат е определен 30 дена, може навистина да се заврши и порано и тоа што ќе остане последните три дена затоа што е дефиниран по законот од 1 до 30 септември, а не е од 5 до 25 како што беше прво проектирано, значи има доволно време така што нема потреба од какви било промени на датумот на изборите“, рече Заев на новинарско прашање по пуштањето во употреба на детска градинка во Стајковци.
Во однос на прагот на поднесување на независните листи, договорено е тој да изнесува два отсто од вкупниот број на избирачи. Запрашан за можна коалиција со БЕСА, Заев рече дека со сите коалициски партнери ќе имаат некаков вид коалиција заради спецификата на локалните избори, но во вториот круг.
„Во вториот круг кога граѓаните ќе одлучат на кој ќе му дадат шанса да влезе во вториот круг тогаш е логично коалициските партнери на централно ниво да се поддржиме меѓу себе. Така што логично е дека двајца кандидати влегуваат во вториот круг и секако ќе си ја дадеме поддршката едни на други“, рече премиерот Зоран Заев.
Претседателот на Собранието Талат Џафери месецов или најдоцна на почетокот на август треба да ги распише локалните избори. Ова ќе бидат седми локални избори по осамостојувањето на Македонија.