Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека разговарал со авганистанскиот претседател Ашраф Гани за да го увери дека Алијансата ќе продолжи да ја поддржува земјата, во услови кога напредокот на талибанците создава притисок врз владата во Кабул, поддржана од САД.
„Добро е што разговараме со претседателот Ашраф Гани денес. Безбедносната состојба во Авганистан останува длабоко предизвикувачка и бара решение со преговори", напиша Столтенберг на својот профил на Твитерт.
Тој порача дека НАТО ќе продолжи да го поддржува Авганистан, преку финансирање, цивилно присуство и обуки надвор од земјата.
Авганистан пред неколку дена воведе ноќен полициски час во обид да ја запре воената офанзива на талибанците. Милитантите зазедоа десетици области во земјата, како и клучен граничен премин од владините сили по почетокот на повлекувањето на странските војници на 1 мај.
САД, ЕУ и НАТО притоа ги повикаа талибанците да ја запрат воената офанзива и да се вклучат во мировните преговори. Преговорите почнаа во септември, но досега е направен мал напредок.